Народ, нација - (дез)интеграција

Пишува: Никица Корубин

Последните игри и “мешетарења” на тема на јакнење на “македонската нација” со провидни провокации на стари теми, со задолжителната “показна вежба” на тренирање и одржување во форма на латентната албанофобија; го покажуваат степенот на близината/оддалеченоста на Северна Македонија од целосните европски интеграции. Колку е поблиску, толку е понеизбежно (раз)откривањето на политичките намери vis a vis политичките изјави. 
И тоа (раз)откривање доаѓа во различни форми: балансерот, учебниците, “лошиот, ама неопходен” Охридски договор (по примерот на “лошиот, ама неопходен” Преспански договор), шесте месеци на ВЛЕН за уставни измени кои несигурно треба да се претопат во наменски “македонски” наратив. Совршено “национално единство”, уште да се утврди нацијата. Македонска сигурно не, а најмалку на интересите на државата Северна Македонија и пред се’ нејзините граѓани.
Што не’ враќа, повторно, таму каде што никогаш не ни беше дозволено да почнеме, “на чисто” и со јасна визија во 1991 година: независна држава, со еднаков пристап за сите граѓани, со јасни етнички идентитети и конзистентен и прифатлив национален и политички идентитет. После триесетина години независност, дискутабилно е што “не смееше да биде дозволено”: државата или нацијата? 
Иако, едното без другото не може, а и едното и другото се иманентно современи политички термини; константното проблематизирање на државата и нејзините “врзивни ткива” (Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија), како основа без која и не може да има нација; всушност служеше да се спречи компактноста и одржливоста на нацијата. Нацијата на Северна Македонија. 
Бугарите и Грците мора(а) да бидат “непријатели” за да се оддржи чувството на лажна идентитетска мегаломанија (монопол на целиот историски регион Македонија, кој заеднички го делиме, културолошки и цивилизациски), а всушност реално да се продуцира идентитетска конфузија (сите не’ негираат); а пак Албанците мора да бидат и “непријатели” и “лоши” за никогаш да не може заедно да бидеме под една нација. Која секако е политички конструкт и е врзана за настанокот и постоењето на современите држави. 
Што би значело дека државјанството “македонско/на Северна Македонија” не ја означува македонската етничка припадност, туку припадноста кон државата Северна Македонија. Но, етничката припадност, која е резултат на сложени историски и културолошки процеси, мора да ја има државата како најефикасен механизам за заштита и негување, за да ја задржи својата посебност (идентитет). Сумирано и концизно, за да има македонски идентитет и етнос (народ), мора да има држава, Северна Македонија. 
И затоа е јасно отсуството од наменски конструираната “идентитетска приказна” на другите етноси (народи) кај нас: дали некој некогаш рекол дека Турците го негираат и загрозуваат македонскиот идентитет? Или пак Власите на пример, кои со своето ароманство директно претендираат на врските со антиката? Бошњаците не се проблем за македонскиот идентитет? Или пак Ромите? Или пак зошто никој никогаш не рекол дека Србите со културолошката и црковна претензија не се опасност за македонскиот идентитет? 
Зошто од “налетот на грижа” за “нашинците во соседствто” се исклучени “нашинците” во Србија, чии јужни делови исто така во  историски интервали биле дел од Македонија? Па, нели “цела да е”, која патем речено, регионално и ќе биде “цела” со наше зачленување во ЕУ. Па, зошто тогаш упорно се спречува обединувањето на историскиот и географски регион Македонија, од кој дел е и Северна Македонија? 
Токму затоа, во овие турбулентни гео-стратешки времиња, времиња на регионални хегемонистички резолуции, на анахрони и намерни форсирања на “народите над државите”, како механизми за легитимација на потенцијалната агресија; времиња на “лов во матно”, незнаењето во политиката не е дозволено. 
А, уште помалку “добрите намери”, за протнувања на неодржливи и потенцијално деструктивни и дестабилизирачки наративи за моноетничка нација, со финтите и итрините за понижување на другите: “Македонците се единствениот народот, а Албанците (и другите) се малцинствата”, на пиедесталот на “сопственоста врз државата”. Да се знае “кој е кој”.
Народи сме сите, патем речено, и уставно дефинирани, еднакви во правата и етничката припадност; а нацијата е една и за сите: нацијата на Северна Македонија. Тоа е суштината на модерна граѓанска држава, каква што е нашата република. И затоа секое следно “никогаш Северна” е всушност “никогаш (било каква) Македонија”. Никогаш држава, а без држава всушност никогаш народ и нација. Само територија. 
Затоа можеби, “дестабилизација” треба да се модификува во “дезинтеграција”. Кога веќе интензивно со години се саботира интеграцијата, и на нацијата и на државата во ЕУ. Како стратешка точка на спојување на сите граѓани, со различна етничка припадност, но една цел: нормален живот и одржливо општество. Изборот и интересот, индивидуален и јавен, е прилично лесен. Никогаш полесен. 

Comments