Веруваме на збор / Besojme në fjalë

Пишува Никица Корубин

Од малкуте зборови и нивното значење, кои Македонците ги познаваат од албанскиот јазик, “беса” (bese) го има приматот. Дадениот збор и вербата дека тој ќе биде исполнет. Светоста на кажаното и уверувањето дека “усната заклетва”, архаично кажано, е доволна гаранција за да се држиме до даденото ветување. Особено кога од тоа ветување зависи иднината на сите нас, како граѓани и општество, и како функционална и демократска држава.
Можеби кај нас, политиката, успеваат да ја деградираат до елементарно пропагадно ниво, каде употребениот збор е ништовен до следната манипулација; но “бесата” е многу повеќе од тоа: идентитетска и обичајна одредница. Дел од културата, култура на доверба.
Оттаму, верувам дека ова не се лесни денови за сите политички/партиски личности и функционери од неформалната коалиција ВЛЕН, кои “бесата” за “уставни измени за влез на Бугарите во уставот, како услов за учество во владата” ја искажаа во сите можни нијанси: од предизборниот “услов без кој не се може”, преку “џентлменскиот договор помеѓу сите албански партии за условот за уставни измени”, до “рокот од шесте месеци за започнување на уставните измени” веќе како дел од власта.
И тоа ова се трите темелни “кластери”, за ветувањата за уставни измени, со многу одделни “поглавја” - “преговараме со високи европски неименувани функционери”, “идентитетот е во прашање”, “не се шест месеци, туку минимум шест месеци”, “до декември ќе започнат уставните измени”; за сето тоа да се разводни или кулминира во опозитот, парафразирано: “а, кој тоа рекол дека уставните измени се услов за учество во влада”?
Но, зошто всушност ВЛЕН имаат потреба од константно реферирање на уставните измени? Нашата “јавност” не само што тоа не го бара од нив, туку напротив, темата за уставните измени е маргинализирана и “обележана” тема, ексклузивно наменета за македонските политички партии и сите споредни “бранители на идентитетот”.
Кои нормално имаат се чини, заеднички “завет за молк” на фундаменталната и егзистенцијална тема. СДСМ, на пример, кога се ВЛЕН во прашање, се реферира исклучиво по албанофобска матрица, и успева ниту еднаш да не ги потсети на обврската за уставни измени, кои патем речено се обврска на државата, кои тие не се ни обидоа рационално да ја “одбранат”.
Па, оттаму прашањето е на кого всушност ВЛЕН “се правда”? На сопствената совест, на сопствените гласачи и поддржувачи или на меѓународните партнери, до кого веројатно на ист јасен и недвосмислен начин, било упатено ветувањето, како и до сите нас? Тогаш кога било опортуно и лесно тоа да се направи (предизборно), но и сега кога е комплицирано и тешко, ама неопходно (постизборно)?
Новонастанатите околности (ефективна власт) го поматуваат или го разбиструваат умот? Одговорноста секако ја зголемуваат. А, со неа и очекувањата и обврските за уставни измени веднаш, затоа што токму преговарањата со ЕУ по поглавја е најсилната и најдемократска антикорупциска борба и борба за владеење на правото. И никакво пропагандно-еуфорично поведение во предизборен манир, за тоа “колку ДУИ е лош” нема да го смени тој факт.
Аргументите од типот “од нас не зависи” го отвораат пак прашањето, за автодеструктивната позиција, која ВЛЕН си ја наметнува или им ја наметнуваат. Поразително, која опција и да е во прашање. Се разбира дека многу од нив зависи, а силата не е само во бројот на пратеници, туку во улогата што ја имаа(т) - чувари на европскиот пат.
Принципиелниот став (и бадентеровото мнозинство) се таков силен влог, кои успеваат да го обесмислат, на парадоксален начин, метафорички опишан како - “поголеми Македонци од Македонците”. А, треба само да бидат Албанци, кои Северна Македонија ќе ја внесат во ЕУ.
А, бесата си стои. Никој не може да го избрише кажаниот збор. И тој ќе биде посилен со секој изминат и изгубен ден. Но, шансата се дава само еднаш. И никој не дава гаранција за втор пат. Да не се премине црвената линија, на единственото вистинско национално, државно и граѓанско единство - членство во ЕУ за нормална, функционална и демократска држава. Има ли поголема гаранција од ова за сите нас?


Comments